За инвертер-клими во домаќинствата Владата ќе потроши 620 милиони денари

Премиерот Зоран Заев на седница на Влада

На денешната владина седница Владата усвои измени во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, со која се издвојуваат 741.000.000 денари за замена на загадувачки системи за греење во јавните објекти и во домаќинствата, како и за опрема за енергетска ефикасност и создавање нови зелени урбани површини.

„Од овие средства, 620.000.000 денари ќе им бидат префрлени на општините во Скопје, Битола, Тетово и Кичево, со што се овозможува втората фаза од проектот за замена на грејните тела на фосилни загадувачки горива со високоефикасни инвертер-клими за 10 000 домаќинства“, соопшти владината прес-служба.

На истата седница донесена е и одлука за одобрување средства од Буџетот за 2019 година за купување на делот на ГА-МА АД Скопје, која ќе биде увозник на гас во земјава. За оваа намена 1.930.000.000 денари ќе бидат уплатени на буџетот на посебна наменска сметка на Национални енергетски ресурси АД за да се искористат за докапитализација на сопственоста на ГА-МА АД, како компанија, која согласно регулативата на ЕУ ќе биде увозник на гас во нашата земја.