Пендаровски - Прочистување во правосудството, но и кај политичарите

Годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието.

Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието рече дека целта му била да остане независен, претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх. Претседателот рече дека поделбите во општество, за кои говореше пред Собранието и во својот инаугуративен говор, се сè уште длабоки, и ако некогаш луѓето се делеа по етничка линија, сега и меѓу Македонците поделбите се продлабочија.

„Граѓанско помирување нема да се случи само по себе, ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни. Сè додека се делиме и ги дискриминирам поинаквите, нема напредок и прогресивно општество, ни една промена на подобро не се случила зошто јавноста била подготвена за тоа, туку затоа што некој активно работел тоа да се случи, а одговорноста да се биде во првите редови на таа борба е во нас, избраните политичари“, рече Претседателот.

Пендаровски рече дека сака уште од сега јавно да ѝ порача на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај политичарите.

Во својот говор се осврна и на Закон за јазиците и на мислењето на Венецијанската комисија, кое како што вели, за жал сите го прочитаа преку етничка и политичка призма.

„Какво фајде од него, ако одредбите останат само на хартија. Но ако законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите корекции за тие да профункционираат“, рече тој.

Пендаровски рече дека од 2017 кога во Собранието се случија немилите настани, државата сега е вратена во нормала и е на прагот во НАТО и членство во ЕУ, што е најбрза обнова на државните институции, но граѓаните сметаат дека тој прогрес не е доволен, оти тие очекуваа повеќе. Пендаровски зборуваше за правосудниот систем, за незавршувањето на процесите, за случајот Рекет и за бегството на Груевски.

„Безмалку три децении независност, а зад решетки не заврши ниту еден политичар или преку ноќ збогатен бизнисен, а таму требаше да завршат повеќе од еден“, рече тој.

Претседателот се осврна и на договорите со Грција и Бугарија. Тој вели дека компромисите биле тешки, но со нив се отворила вратата кон НАТО и ЕУ, но не е компромитиран идентитетот.

Ова е прво годишно обраќање во законодавниот дом на Пендаровски од стапувањето на должност во мај годинава, по победата на претседателските избори. Тој зборуваше и за регионални прашања, за климатските промени, за пописот.