Харадинај – Нема визна либерализација за Косово до крајот на годинава

Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај изјави дека визната либерализација за граѓаните на Косово нема да се случи до крајот на 2019 година, како што претходно тврдеше, но сепак треба да се очекува во наредните неколку месеци, односно идната пролет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во интервју за приштинскиот портал „ЕкономиаОнлајн“ изјави дека упатил писмено барање за либерализација до членките на Европската унија, но веќе не верува дека Брисел може да ја донесе одлуката до крајот на годинава. Според премиерот во оставка, за пролонгирање на датумот за визна либерализација придонело и одолговлекувањето на процесот на градење на институциите по парламентарните избори одржани на 6 октомври. Тој вели дека одолговлекувањето на договорот за коалициона влада меѓу девте партии победнички на октомвриските избори, Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, му ја отежнува работата во водењето на владата во ваква ситуација.