Жбогар - ЕУ сега не гледа потреба од ветинг во судството

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар денеска изјави дека ветингот во судството е последната опција и дека ставот не ЕУ е дека сега не гледаат потреба од такво нешто. Тој вели дека сепак останува одлуката да ја донесе самата држава, и дека за да има ветинг треба консензус од сите политички страни.

Жбогар денеска се сретна со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.

На новинарско прашање како ЕУ ќе одговори на барањето од премиерот Зоран Заев за поддршка за спроведување ветинг во судството, Жбогар посочи дека се уште ја нема слушнато изјавата, но повтори дека ставот на ЕУ е јасен, односно Унијата смета дека за подобрување на состојбите во судството, треба да се искористат елементите одвнатре.

Вчера премиерот Зоран Заев од партиска трибина ја повика ЕУ да помогне во ветингот во судството, преку активирање на инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил.

Проверката во судството е актуелна во последните месеци, откако политичари предложија да се направи проверка во правосудниот систем, кој во сите извештаи на ЕУ е посочуван како нефункционален и му требаат реформи.

Државната комисија за спречување корупција соопшти дека од следната година ќе се проверува имотната состојба на судиите и јавните обвинители, оти се утврдило дека во правосудството има висок ризик од коруптивни и други влијанија.

Засега само Министерството за внатрешни работи се обврза дека ќе спроведе ветинг.