Владата го укина законот за пазарџиите

Архива - пазар во градот Битола.

Македонската Влада на денешна седница го усвои предлогот за престанок на важноста на Законот за трговија на зелени пазари, соопшти владината прес-служба. Министерот за економија Крешник Бектеши најави подготовка на нов закон во косултација со пазарџиите.

Законот беше донесен во јануари 2018 година на иницијатива на група пратеници во Собранието и имаше одложено дејство од почетокот на следната 2020 година.

Со Законот меѓу другото пазарџиите требаше да добиваат лиценци, а на пензионерите да им се забрани да продаваат на зелените пазари.

Министерот за економија Крешник Бектеши информира дека анализите на Министерството за економија покажале дека од законското решение „штета ќе имаат сите“, а особено пазарџиите и оти затоа е предложено негово укинување.

„Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметководниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија“, изјави Бектеши.

Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Бектеши изјави дека во меѓувреме Министерството за економија ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни, во кој ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

Најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа токму висината на надоместокот за лиценците и обврската истите да ги доделува само една комора, како и забраната за пензионерите да продаваат на зелените пазари.