Борел: Мораме да го врземе Западниот Балкан цврсто за ЕУ

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика

Мораме цврсто да го врземе Западниот Балкан за Европската унија. Ова ќе биде еден од приоритетите во водењето на надворешната и безбедносната политика, наведува високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел. Тој испрати писмо до министрите за надворешни работи и одбрана пред првото заседание на Советот за општи работи на ЕУ под негово претседавање.

„Запирањето на конфликтите и излекувањето на раните во непосредното опкружување е важно и за стабилноста и безбедноста на самата ЕУ“, смета Борел.

Тој напоменува дека е важно земјите членки на ЕУ да се договорат за методологијата на проширувањето, процес на кој ќе работи заедно со министрите за надворешни работи и со комесарот за проширување, Оливер Вархељи.

Покрај на проширувањето, Борел наведува дека ќе посвети внимание и на постигнување сеопфатен договор меѓу Србија и Косово, како и на поставување на Босна и Херцеговина на патот кон вистинска стабилност.