Петти ден од штрајкот во Париз, сообраќајот и натаму парализиран

Во Париз се уште сообраќајот е парализиран, оти петти ден по ред штрајкуваат сообраќајните претпријатија против плановите на претседателот Емануел Макрон за пензиски реформи. Макрон сака да спои 42 различни пензиски планови во еден пензиски систем, кој според него ќе биде поправичен и финансиски одржлив. Но синдикатите сметаат дека ова е напад врз францускиот начин на живот. Прекинати се линиите на метрото, а откажано е и сообраќањето на илјадници возови.

Од Националната железничка мрежа ги предупредија патниците да останат дома или да користат „алтернативни средства за превоз“.

Само околу шестина од возовите денеска се сообраќале, а имало нарушување и во возниот ред на меѓународните линии. Активистите на унијата, исто така, ги блокирале депоата за автобуси околу Париз, ограничувајќи ги автобуските линии.