Средбата во Брисел меѓу ЕУ, Скопје и Тирана била успешна и охрабрувачка

Министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на работен појадок во Брисел со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и министерот за надворешни работи на Албанија.

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, рече дека успешно поминал работниот појадок во Брисел меѓу шефовите на дипломатите на земјите членки на ЕУ и нивните колеги од Скопје и Тирана. Разговорите се фокусирале на подобрувањето на методологијата на проширувањето и потребата да се задржи европската перспектива на земјите од регионот. Дендиас рече дека на грчката иницијатива позитивно одговориле над 20 европски министри за надворешни работи.

„Ќе продолжиме да работиме за да постои позитивна разврска, евентуално следниот март, кон посакуваната насока, рече Дендиас.

Македонскиот министер Никола Димитров рече дека Владата е фокусирана на реформската агенда и интензивно работи да ги убеди земјите членки дека отворањето на преговорите ќе биде заслужен чекор. Во однос на методологијата, Димитров вели дека сè што ќе ги направи преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни е прифатливо и е од интерес и за С. Македонија.

Новиот комесар за проширување, Оливер Вархељи, рече дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да почнат напролет. Тој рече дека дебатата била охрабрувачка.

„Изгледа дека ќе можеме да одиме напред и да ја исправиме грешката направена во октомври. Треба да ги започнеме преговорите за пристап со двете држави напролет“, рече Вархељи.

По состанокот со колегите од Скопје и Тирана, министрите за надворешни работи на ЕУ одржуваат состанок на Советот на ЕУ.