Макрон: Франција останува против одвојување на Северна Македонија и Албанија

Францускиот претседател, Емануел Макрон на прес конференција по лидерскиот состанок во НАТО

Францускиот претседател, Емануел Макрон, по лидерскиот состанок во НАТО, на прашање на МИА зошто ги блокираше преговорите со ЕУ за Северна Македонија во октомври изјави дека не бил сам во таа одлука.

Тој ја повтори позицијата на Париз дека ќе одбие секакво отворање на преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура. Како што јавува МИА, францускиот претседател ја довел во прашања и сигурноста на полноправното членство за земјите од регионот во ЕУ.

„Целта кон западниот Балкан ни е целосно да ги вкотвиме од европска страна, тоа е геополитичкиот предизвик. Тоа вкотвување можеби поминува преку перспективата на зачленување за некои, но треба да бидеме јасни дека поминува преку фази на стратешки партнерства и инвестиции. Основа грешка што ја направивме колективно беше да сметаме дека нашиот единствен однос кон западниот Балкан е членството. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години… отвораме и никогаш нема да затвориме, видовме со Турција“, вели Макрон.

Тој вели и декаФранција била и останува против било какво одвојување на Северна Македонија иАлбанија.

„ Tоа е прашање на рамнотежа на регионот, лошо е да се одвојат, смртоносна одлука ќе беше ако отворевме со Северна Македонија, а не Албанија“, порача Макрон.

Тој им упати порака и на другите земји членки на ЕУ во однос на иднината на проширувањето и рече дека нема да прифати ниедна нова земја членка во ЕУ доколку претходно не се реформира процесот на консензуално одлучување и не се воведе поголема стапка на одлучување преку квалификувано мнозинство. Друг услов ќе биде земјите на ЕУ да прифатат дека не може секоја земја членка да има свој комесар во Европската Комисија.