Курти и Мустафа не се договорија за нова косовска влада

Албин Курти и Иса Мустафа

Албин Курти и Иса Мустафа, лидерите на „Самоопределување“ и на Демократскиот сојуз на Косово, не успеаја попладнево да се договорат за идната заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната средба зад затворени врати во косовското Собрание, по која се најавуваше потпишување договор за коалиција, двете партии кои победија на октомвриските избори најавија дека преговорите ќе ги продолжат „во следните денови“. Курти по состанокот изјави кратко дека сепак е постигнат извесен напредок.

„Договор, сепак, немаме. И натаму има прашања за кои не се согласуваме“, изјави лидерот на „Самоопределување“, кој се очекува да го добие мандатот за формирање на влада.

Мустафа истакна дека со Курти имале „содржајни разговори“.

„Се согласивме во врска со владината програма. Договор за коалиција денеска нема, но се договоривме да продолжиме да работиме. Нашите разлики ќе ги соопштиме откако ќе ги приближиме ставовите“, нагласи Мустафа.