„Зелената револуција“ не оди на средба со Заев

Протест на „Зелена револуција“ против загадувањето

Организаторите на петочниот марш за чист воздух соопштија денеска дека нема потреба од одржување на средба со премиерот Зоран Заев се додека не добијат доказ дека надлежните сериозно ја разбираат загриженоста на граѓаните околу загадувањето.

„Ние, претставниците на подолу потпишаните граѓански иницијативи, обединети како Зелена Револуција, сметаме дека во овој момент простор за нови средби со Премиерот, или со други претставници на државните институции, може да бидат возможни, САМО доколку видиме реална и конкретна волја за соработка со граѓаните. Тоа е можно и остварливо, доколку Премиерот, неговите министри и советници ангажирани на темата за животна средина, покажат дека сериозно го слушнале гласот на граѓаните, искажан на петочниот марш и по ИТНА постапка ги реализираaт следниве барања наведени во т.н Зелена книга, а за кои не е потребно подолго време бидејќи зависат директно од волјата на Премиерот и членовите на Владата“, се наведува во нивното соопштение.

Тие имаат седум барања, односно, указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште, обвинителството да отвори истрага за Охис во стечај, да се се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја, стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци, како и поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука и одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.