Болнички апартман, турски амбасадор, француска понуда...

МАКЕДОНИЈА - Првообвинетиот во случајот Рекет, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, останува во Градската општа болница 8-ми Септември се додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања, по што најдоцна во понеделник ќе биде испуштен од болничката установа, соопштија од болницата.

МАКЕДОНИЈА - Шест уставни судии гласаа за, а тројца против на дневен ред да биде ставена иницијативата за оценувањето на одлуката на претседателот Иванов за повлекување на аболицијата. Правни експерти велат дека тоа не значи пропаѓање на процесите на СЈО, туку дека се отвора пат за тоа да се случи.

РУСИЈА - Русија упати остри критики на предложената четиригодишна забрана за натпреварување на спортисти од таа земја поради неисполнувањето на антидопинг стандардите. Според Москва, станува збор за политички мотивиран чин со цел да се спречат руските спротисти да се натпреваруваат.

ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон се заложи да го предводи од него предложениот дијалог меѓу НАТО и Русија. Поставувајќи серија прашања во врска со иднината на НАТО, а во контекст на неговата оценка за тоа дека Алијансата е во состојба на мозочна смрт, тој го означи тероризмот како главен непријател на Алијансата.

САД / АВГАНИСТАН - Американскиот претседател Доналд Трамп, кој престојуваше во ненадејна посета на американските војници во Авганистан, изјави дека биле продолжени преговорите со талибанските бунтовници кои беа прекинати во септември годинава.

АЛБАНИЈА - Најновиот биланс на жртви од земјотресот во Албанија е 49, од кои 25 се загинати во Драч, а 23 во Туман и една жртва во Љач, соопшти премиерот Еди Рама на вонредна седница на владата.

ТУРЦИЈА - Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави претседателски декрет со кој од должноста се разрешуваат амбасадорите на Турција во 16 земји, меѓу кои и во Северна Македонија.

АВГАНИСТАН - Илјадници демонстранти маршираа во Кабул против изборни измами. На протест излегоа поддржувачите на главниот извршен директор на Авганистан, Абдула Абдула. Тие се собраа на плоштадот пред Претседателската палата, и покрај предупредување од полицијата да не се собираат во близина на тоа место.

ИРАК - Врховниот шиитски свештеник во Ирак, ајатолахот Али Систани ја осуди употребата на сила против антивладините демонстранти и ги повика демонстрантите да го отфрлат насилството и вандализмот.