Предност на британските Конзервативци над Лабуристите

Лидерот на Конзевативците и премиер Борис Џонсон и лидерот на Лабуристите Џереми Корбин.

Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон се наоѓа во предност од 11 бодови во однос на опозициската Лабуристичка партија, чија поддршка падна за уште еден бод во пресрет на предвремените избори во Велика Британија на 12 декември, покажа истражувањето „YouGov“, пренесува Ројтерс.

Поддршка за Конзервативната партија даваат 43 отсто од граѓаните, што е за еден процент повеќе во однос на истото истражување направено минатата сабота, додека поддршката за Лабуристичката партија изнесува 32 проценти.

Ова мерење е трето во низа кое покажува предност на Конзервативците над Лабуристите.

Проевропската партија на Либерални демократи се наоѓа на трето место со 13 отсто поддршка, додека партијата „Брегзит“ на Најџел Фараж има четири отсто поддршка.

Британските гласачи излегуваат на гласање на 12 декември на предвремени парламентарни избори за кои се залагаше премиерот Борис Џонсон со надеж дека конечно ќе ја извади Британија од ЕУ.

Прв пат во последните 96 години Британците ќе гласаат во декември за сите 650 места во Долниот дом на Парламентот.