Се трага по преживеани и пристигна првата помош во Албанија

Спасувачки тимови се обидуваат да ги пронајдат преживеани, заробени во урнати згради по силниот земјотрес што ја погоди утрово Албанија, и во кој загинаа најмалку 14, а повредени се повеќе од 600 луѓе.

Министерката за одбрана Олта Џачка рече дека работата за пребарување и спасување продолжува на сите локации каде се урнале згради. Посебно тешка е ситуацијата во Драч каде спасувачите со раце ги чистат урнатините во потрага по преживеани.

Повеќе држави од Европа и регионот се подготвени да и помогнат на Албанија во санирањето на последиците од серијата земјотреси, а во Албанија веќе пристигнаа 52 лица за вонредни ситуации од Романија и 40 припадници на косовските безбедносни сили. Грција испратила две единици со кучиња спасувачи и специјална опрема

Премиерот Зоран Заев информира дека и од Македонија веќе се испратени тимови за спасување, а дадена е насока до најблиските региони како охридско-струшкиот и кичевскиот да испратат механизација. Подготвени се и лекарските тимови и противпожарните служби кои исто така ќе бидат испратени доколку има потреба.

Град Скопје, пак,како помош за настраданите испрати екипа од четири пожарникари, како и две лица кои ќе вршат снимање со термален дрон и термални камери со цел да може да се откријат евентуално преживеани во рушевините.

Покрај тоа, Градот испрати и беспилотно летало кое ќе врши 3Д мапирање на теренот за да им помогне на спасувачките служби кои се на теренот во најпогодениот град Драч.