Русија- горниот дом го одобри законот за категоризација на новинари како странски агенти

Состанок на Горниот дом на рускиот парламент

Горниот дом на рускиот парламент го одобри законот со кој на властите им се дава можност да ги регулираат новинарите кои работат за странски медиуми како странски агенти. Законот кој помина денеска предвидува поединци да бидат третирани како странски агенти ако соработуваат со странски медиумски организации и примаат пари или друга материјална поддршка од нив. За да стапи во сила тој треба да биде потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.

Законот со кој невладините организации во Русија кои земаат пари од странство треба да се регистрираат како странски агентури беше усвоен во 2012 година, по големиот бран антивладини протести од кога Путин е на власт.

Критичарите велат дека со него се стигматизираат невладините организации и очекуваат истото да се случи и со новинарите ако бидат категоризирани како странски агенти. Претседателот на РСЕ Џејми Флај на 21 ноември изјави дека предлог-законот штетно ќе влијае по животот и безбедноста на новинарите и дека го „потсетува на најтемните времиња од минатото на Русија“. Радио Слободна Европа веќе е таргет на законот за странски агенти.