Жителите на Визбегово протестираа, МТСП апелира на надминување на предрасудите

илустрација

Граѓаните на скопско Визбегово денеска протестираа против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение од Скопје во нивната населба, за да укажат на несоодветноста со изборот на објектот за оваа намена. Тие се жалат дека во вечерните часови децата се шетаат по куќите и прават проблеми и дека постојано им бараат цигари и алкохол, а правеле штета и врз недвижниот имот.

Катерина Тодороска од Организацискиот одбор на собирот изјави дека не протестрираат против младитре лица со нарушено поведение, туку против неадекватноста на изборот на локација за објектот за ваква намена и против неорганизираноста на процесот на ресоцијализација
на овие штитеници.

Како реакција на денешниот протест, Министерството за труд и социјална политика повикува на надминување на предрасудите, со цел сите заеднички да работат за благосостојба на секое едно дете. Со цел да ги заштити од омразата насочена кон нив, Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска привремено во текот на протестите во Визбегово организирани од соседите ги дислоцираше трите деца сместени во малиот групен дом и истите ќе бидат вратени во Визбегово веднаш по завршувањето на протестот.

МТСП потврдува дека петицијата од жителите е примена и одговорена во најбрз можен рок. Министерката Мила Царовска и други вработени во МТСП оствариле и лична средба со жителите -потписници на петицијата.