Рекордна излезност на локалните избори во Хонг Конг

Рекорден број граѓани денеска излегоа на локалните избори во Хонг Конг, полуавтономна кинеска територија каде антивладините протести траат скоро половина година.

Пред гласачките места има огромни редици, а како што јавува агенцијата АП, граѓаните гласаат со надеж дека про-демократското движење ќе изврши притисок врз владата поддржана од официјален Пекинг да ги ислуша нивните барања по неколкумесечни протести.

Официјалните податоци од изборната комисија, пет часа пред затворањето на анкетите, покажуваат дека гласале повеќе од 2,3 милиони луѓе, или околу 56 проценти од гласачите. Првите резултати се очекуваат околу полноќ по локално време.

Според сегашниот изборен систем, жителите можат да избираат 94 отсто од местата во окружниот совет и половина во законодавниот (градскиот парламент). Лидерот на градот може да биде номиниран и избран само од страна на комитет што има 1.200 членови, главно од прокинеската елита во градот.

Опозицијата се обидува да ја натера кинеската Влада да ја почитува целосната демократија за која вели дека им е ветена со Основниот закон, или мини Уставот на градот, што на жителите им дава право сами да го изберат својот лидер. Тоа е всушност едно од петте главни барања на демонстрантите и една од причините за претходните продемократски протести во 2014 година.