Помпео ги повика Иранците да објават сведочења за протестите

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги повикува Иранците да испратат видеа, фотографии и други информации од протестите до САД, за да може да се документираат случувањата. Тој на Твитер напиша дека САД ќе ги изложат работите и ќе ги санкционираат злоупотребите.

Вчера иранските власти соопштија дека полека го враќаат пристапот до интернет, откако на 16 ноември заради протестите ја прекинаа услугата.

НетБлокс, кој го следи светскиот пристап до интернет, соопшти дека поврзаноста се уште останува ниска.

Блокираниот пристап до интернет отежнуваше да се добие јасна слика за протестите, кои започнаа откако се зголеми цената на горивата.

Иран се соочи со зголемена меѓународна осуда за одговорот на протестите, по информациите за загинати, повредени и приведени демонстранти. Амнети Интернешнл соопшти дека најмалку 106 демонстранти загинале.

Иранските власти потврдија неколку смртни случаи, меѓу нив и припадници на безбедносните сили, но за бројката на Амнести велат дека е шпекулација.

За Техеран демонстрантите се силеџии, кои соработуваат со странски непријатели.