ОН ја осуди употребата на сила на протестите во Иран

ОН го повикаа Техеран да се воздржи од употреба на сила против демонстрантите и да ги обнови интернет услугите, среде бранот протести предизвикани од зголемување на цените на горивата ширум земјата во кои загинаа најмалку десетина луѓе.

Портпаролот на Комесарот за човекови права на ОН, Руперт Колвил, денеска во Женева изрази голема загриженост поради употребата на боева муниција од страна на безбедносните сили на протестите.

Иранските власти соопштија дека досега загинале 12 демонстранти и припадници на безбедносните сили и оти над 600 луѓе се уапсени, откако владата ја зголеми цената на горивата и ги укина субвенциите поради американските санкции кои беа воведени откако претседателот Доналд Трамп се повлече од нуклеарниот договор од 2015.

Белата куќа исто така ја осуди употребата на смртоносна сила и пречките во комуникациите и оти го поддржува „иранскиот народ во нивните мирни протести“.

Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел ги оцени протестите како легитимни.

Цените на горивата во Иран се меѓу најниските во светот, дури и по поскапувањето од 50 отсто. Литар бензин сега чини 13 центи.