Заев - Јоурова: Потребна е трансформација на правосудниот систем

Средба на премиерот Зоран Заев со еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова во Скопје.

Премиерот Зоран Заев и еврокомесарката за правда Вера Јоурова денеска на средба во Скопје оцениле дека државава покажала добри резултати во борбата против корупцијата, но оти е потребна трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно со европските стандарди и вредности, соопштуваат од Владата. На состанокот било потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција на капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам.

Заев и Јоурова разговарале и за работата на новата Европска комисија.

„Договорена е активна соработка со еврокомесарката Јоурова во делот на владеењето на правото, заштитата на демократијата и изборите, што е нејзина област, посебно што таа во ЕК ќе биде надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, што е од голема важност и за граѓаните на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.