Аврамопулос - Притисокот од мигрантите расте, да останеме будни

Министерскиот Форум ЕУ - Западен Балкан во Скопје.

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Димитрис Аврамопулос на денешниот Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан, рече дека притисокот од мигрантите расте и затоа треба да останеме будни, но додаде дека ситуацијата со мигрантите во овој регион не е ни блиску до она што се случуваше во 2015 и 2016 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на вториот ден од Министерскиот форум рече дека и покрај сите препреки со кои се соочува земјата на патот кон ЕУ, сепак, не отстапува од европскиот курс, од реформите, градењето на добрососедските односи и регионалната соработка.

Спасовски е уверен дека дискусиите од денешниот Министерски форум ќе отворат нови перспективи за градење на заеднички одговор во справувањето со илегалната миграција, организираниот криминал и тероризмот, но и за зацврстување на мостовите на соработка помеѓу државите од регионот.

Финската министерка за внатрешни работи ја потенцираше поддршката на Финска за регионот кој, вели, е од висока стратешка важност за Европската унија.

На денешните сесии ќе се зборува за миграцијата, безбедноста на границите, соработката со Фронтекс, борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал, со посебен осврт на трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружје.