Србија ќе бара поддршка од Макрон за Мал Шенген

Српскиот претседател Александар Вучиќ очекува на претстојната средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, да добие поддршка за проектот „Мал Шенген“, како и да слушне за новата методологија која ја предлага францускиот претседател за проширување на ЕУ.

„Сакам да разговарам и за оваа иницијатива. Ќе барам од него и ќе го молам за поддршка, бидејќи ако ја добиеме, ќе создадеме потполно нови услови и тоа би можело да ни биде еден од изворите за забрзан раст во наредните години. Ако ја добиеме таа врста на поддршка, нема да биде лесно сето ова да се сруши. Можеби никогаш не сме имале поважни разговори со Макрон“, изјави Вучиќ во Охрид.

Тој истакна дека им е благодарен на Американците што го поддржуваат овој проект и дека се надева дека ќе добие поддршка и од Макрон, бидејќи без тоа, ќе биде тешко да се добие поддршката од Европа.