Палмер од Белград - САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер и српскиот претседател Александар Вучиќ .

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, денеска во Белград рече дека ЕУ направила историска грешка и испратила лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Тој на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград рече дека САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ќе направат се што можат да ја убедат ЕУ да го промени ставот пред состанокот на европските лидери во Загреб.

Вучиќ изјави дека Србија се залага за соработка со земјите од Западен Балкан, што се гледа и преку продолжување на состаноците со Северна Македонија и Албанија, а потоа и со сите останати неделава во Охрид. Вучиќ денеска најави разговори со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, да се договорат за деталите, заблагодарувајќи се на поддршката од САД за идејата за т.н. мал Шенген. Состанокот треба да се одржи во Охрид на 9 ноември.

Говорејќи за прашањето околу Косово, Вучиќ изјави дека разговорите со Палмер биле „отворени и искрени“ и додаде дека е задоволен од нивната содржина.