Во Виетнам уапсени осум луѓе во врска со 39 жртви пронајдени во камион

Виетнамските власти уапсиле осум луѓе во врска со смртта на 39 лица пронајдени во камион во Велика Британија, за кои се верува дека се Виетнамци, соопшти денеска полицијата.

Минатиот месец во приколка од камиот беа пронајдени тела на осум жени и 31 маж.

Британската полиција првично соопшти дека жртвите биле Кинези, но потоа неколку виетнамски семејства излегоа да кажат дека стравуваат дека нивните роднини се меѓу жртвите.

Виетнамската полиција денеска соопшти дека многу од жртвите потекнуваат од само две провинции во централниот дел на Виетнам, вклучувајќи ја и провинцијата Нге Ен, каде се уапсени осум луѓе во врска со смртта на луѓето најдени во камионот.

Осомничените биле приведени за организирање и посредување при одење на луѓе в остранство и за организирање на нивниот нелегален престој таму. Претходно во друга виетнамска провинција беа уапсени двајца во врска со истиот случај.

Во Британија пак, обвинет за убиство е возачот на камионот. Уште три други лица се уапсени во врска со случајот, но потоа се ослободени со кауција.