НБ: Банкарскиот систем е стабилен, расте кредитната активност

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска - Бежовска

Банкарскиот систем ја одржува својата стабилност, a неговата отпорност на шокови бележи подобрување, констатираше денеска Советот на Народната банка на редовната седница за извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2019 година.

Од Народната Банка наведуваат дека второто тримесечје од оваа година е одбележано со подобрување на показателите за солвентноста и од повисокиот раст на активностите на банките.

„ Кредитната и депозитната активност на банките продолжи да се зголемува. Кварталниот раст на депозитите изнесува 2,2 отсто, со придонес на депозитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Кај кредитите е забележан квартален раст од 1,8 отсто, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиски субјекти се зголеми 0,3-процентни поени до ниво од 5,5 отсто“, се наведува во соопштението од НБРМ.