Над 400 илјади Авганистанци се вратиле од Иран и Пакистан

Од почетокот на годинава над 400 илјади Авганистанци се вратиле во земјата од Иран и од Пакистан, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Во извештајот објавен денеска се наведува дека околу 385 илјади Авганистанци биле вратени од Иран, при што нешто повеќе од половина биле принудени да заминат под наредби за депортација.

Многу Авганистанци заминале во Иран главно од економски причини, но заради тешката економска состојба во таа земја, голем дел од нив се враќаат во Авганистан. Околу 17 илјади Авганистанци се вратиле од Пакистан од почетокот на годинава. Во Пакистан живеат околу 1,3 милиони регистрирани авганистански државјани и повеќе од 1 милион Авганистанци кои се нерегистрирани, соопшти ИОМ.

Високата невработеност, лошата економска состојба и несигурната безбедносна состојба во Авганистан ја поттикнаа миграцијата кон соседните земји и остатокот од светот.