Грчки медиуми: Макрон удри шлаканица за регионот

Илустрација. Грчки медиуми за гласањето на Бундестагот за датум за Македонија

Грчкиот весник „Реал њуз“ пишува дека имплементацијата на Договорот од Преспа во однос на ерга омнес употребата на новото име и веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите на 12 април, се точките за кои Грција изразува загриженост по Самитот на унијата, jави МИА од Атина.

Во текстот под наслов „Атина е загрижена за случувањата на Балканот“, новинарот, ја анализира ситуацијата во регионот по Самитот на ЕУ и француското вето, но и ставовите на Грција за темите кои директно ја засегаат.

"Директното прашање што произлегува за Атина е имплементација на Договорот од Преспа. Ерга омнес виси во однос на државните документи на Северна Македонија што се издадени пред ратификацијата на договорот, бидејќи предвиден е преоден период што е поврзан со отворањето на пристапните поглавја. Јасно е дека без датум за почеток на пристапни преговори, Скопје нема никаква обврска за промена на документите" пишува весникот.

Според „Реал њуз“, вториот и „уште поголем проблем за Атина“, би бил доколку на изборите на 12 април 2020 победи ВМРО- ДПМНЕ, „кое не е воопшто расположено да го имплементира договорот“.

По исходот од Самитот на ЕУ, весникот пишува дека „торпедото“ на Емануел Макрон за европската перспектива на Северна Македонија беше шлаканица за целиот регион.

" Ова не е добро, европската перспектива на земјите од западен Балкан е најважната алатка во односите на Грција со овие земји" објави грчкиот весник.