Шекеринска: Подготовките за НАТО течат според планираното

архивска фотографија, министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Течат подготовките, според планот, за прием на Македонија во НАТО, рекла министерката за одбрана Радмила Шекеринска, соопштува Министерството за одбрана. Таа ги видела просториите во кои ќе биде сместена мисијата на Македонија која ќе биде членка на НАТО.

Шекеринска е на состанокот на министрите за одбрана на сите земји – членки на Алијансата. За време на средбите, тие испратиле порака дека ја очекуваат земјата што поскоро да стане полноправен член на НАТО.

На сесијата на Северноатлантскиот совет, стои во соопштението, министерката Шекеринска упатила порака дека планот за одвојување на два проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година се реализира и оти во 2020 година следува уште едно зголемување на одбранбениот буџет.

На сесијата посветена на мисијата „Одлучна поддршка“, Шекеринска рекла дека припадниците на Армијата ќе продолжат да придонесуваат во мисијата во Авганистан, во која учествуваме од 2002 година.