Уапсени уште двајца во врска со 39-те жртви пронајдени во камион во Британија

Британската полиција уапси уште двајца луѓе во врска со смртта на 39 жртви пронајдени во приколка во југоисточна Англија. Уапсени се маж и жена, и двајцата на 38 годишна возраст од северозападна Англија. Тие се сомничат за убиство и за трговија со луѓе, соопшти полицијата. Претходно полицијата го уапси и возачот на камионот 25 годишен човек од Северна Ирска, кој е во притвор под сомнение за убиство.

На 23 октомври беа пронајдени 39 тела во приколка од камион во близина на Лондон. Полицијата вчера соопшти дека се верува оти жртвите, 31 маж и осум жени, се Кинези. Сепак, кинеската амбасада во Лондон соопшти дека полицијата сè уште го верификува идентитетот на жртвите и нивната националност сè уште не е потврдена.