Церар - ЕУ „падна“ на прашањето за Балканот

Словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар

Словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар оцени дека Европската унија покажала единство за време на Брегзит, но дека „паднала“ на прашањето за Балканот, откако не можеше да постигне договор за отпочнување на преговори за членство со Македонија и Албанија.

Во интервју за АП, Церар предупреди дека одлуката на ЕУ да не отвори преговори за членство со Македонија и Албанија испраќа негативен сигнал на нестабилниот регион на Западен Балкан.

„Верувам дека ова одложување и неносење на одлука беше историска грешка. Ние всушност ги изневеривме. Не го исполнивме нашето ветување и ова е многу лошо за двете страни“, порача шефот на словенечката дипломатија.

Тој посочи дека ЕУ треба да даде сè од себе за да го задржи регионот, да продолжи со процесот на проширување и да започне преговори со Македонија и Албанија што е можно побрзо.

Словенија стана земја членка на ЕУ во 2004 година.