Битолската болница се подготвува мазутот да го замени со еколошко греење

Систем за греење во Клиничката болница во Битола

Во Шведска се знае за загадувањето во Македонија, па затоа одлучиле да помогнат Клиничката болница да добие еколошки систем за греење, кој ќе го замени досегашниот на мазут.

Клиничката болница од Битола која досега се грее на мазут, во иднина ќе треба да добие еколошки систем за греење, ладење и вентилација преку хибриден систем со примена на соларна енергија и топлински пумпи, со што емисијата на јаглероден диоксид ќе се намали за една третина. Овој проект го работи Кралскиот институт за технологии во Стокхолм, Шведска, по иницијатива на невладината организација „Од рака на рака“ на Марија Росенгрен, наша хуманитарка во Шведска, а во соработка со Клиничката болница од Битола.

„Малку оџакот да зачади сите не напаѓаат, но тоа не е наша вина. Затекнавме стари котли, греење на мазут. Ние сме свесни дека со овој начин на греење придонесуваме за загадувањето во градот, па затоа презедовме вакви чекори да се изработи овој проект. Со проектот се добиваат многу подобри услови за пациентите, персоналот и за градот Битола, зашто од страна на екологијата ќе биде идеален проект. Ова ќе биде голема корист за болницата, кога милион ипол денари плаќаме за струја и вода, а со овој проект нема да се плаќа греење, вентилација и ладење“, вели директорот Зоран Лазаров.

Видете и ова: Во Битола се мерат и најситните ПМ 1 честички од воздухот

Следна фаза е изработка на техничка документација и аплицирање до фондови за наоѓање средства. Иницијаторите се надеваат дека финансии ќе се обезбедат од Светска банка, ако се успее во тоа, проектот ќе се имплементира од март и за година ипол болницата ќе добие ново греење, ладење и вентилација. Дотогаш со помош на РЕК се направија зафати во постоечките котли во болницата за да имаат добра грејна сезона.

„Стручен тим на РЕК ја констатира состојбата и со опрема изведовме одредени зафати. Се санираа повеќе цевководи, колектори, како и опшивката на котелот. Со оваа санација се овозможи да се намалат загубите што ги имаа во Болницата во однос на пареа, вода, се создадоа услови за добра грејна сезона“, изјави Пеце Матовски координатор за електро-машинско одржување во РЕК „Битола“.

Хуманитарката Мариа Росенгрен вели дека и во Шведска се знае за загадувањето во Македонија, па затоа одлучиле да помогнат.

„Не само што нам во Битола и во земјава ни е познато дека имаме проблеми со загадениот воздухот, дека има загадувачки честички, туку ова е на светско ниво познато и во сите статистики пишува колку голем проблем имаме во Македонија и во Битола со загадувањето. Кога слушнаа во Кралскиот институт во Стокхолм дека ние работиме на овој проект, тие со гордост го воведоа во нивната програма уште минатата година“, рече Росенгрен.

Експерти од Шведска веќе лично направија мониторинг на објектот и собраа податоци за енергетската ефикасност и начинот на греење во Болницата.

„Ние почнавме да работиме на оваа иницијатива пред една година. Направивме истражувањата за соларна енергија и топлински пумпи. Оваа технологија станува сè поприменлива со оглед на тоа колку евтина станува сончевата енергија. Кога се сончеви денови ќе може да се користи соларната енергија, а кога нема сонце на друг систем да работи, комбинирано е“, рече професорот Нелсон Сомерфелдт на Кралскиот институт за технологија во Шведска.