Конте: ЕУ не смее да ги прифати уцените на Турција

Архива - италијанскиот премиер Џузепе Конте.

Европската унија не смее да подлегне на заканите на Турција дека ќе испрати неколку милиони сириски бегалци во Европа, изјави италијанскиот премиер Џузепе Конте додавајќи дека Анкара веднаш треба да ги запре своите операции во северна Сирија.

„ЕУ не може да ја прифати оваа уцена. Турските напори да ги смести бегалците не може да станат средство за уцена за воена операција која не можеме да ја прифатиме и која веднаш мора да се запре“, рече Конте.

Турција, која формално и натаму се залага да се приклучи во ЕУ и покрај растечките критики кон Анкара за нејзиниот однос кон човековите права, ги отфрла барањата за запирање на офанзивата во Сирија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера и се закани на Европа дека ќе ги отвори вратите и ќе испрати 3,6 милиони бегалци во Европа доколку операцијата на Анкара во Сирија биде третирана како „окупација.“