Основен суд Скопје 1: Записникот од пријавата на Камчев не е излезен од кај нас

Основниот суд Скопје 1 не е надлежен да спроведува истраги за протечени документи, но извршени се разговори со повеќе лица и утврдено е дека документот не е излезен од судот, одговорија денеска од Основниот суд Скопје 1, на брифингот со новинарите, на прашањето за протекувањето на дел од исказот на Орце Камчев за предметот „Рекет“.

Од Судот рекоа дека во меѓувреме преземале дополнителни мерки за претпазливост при доставувањето на списите од предметите до другите надлежни институции.

За последната објавена информацијата во медиумите „за понудата за продажба на исказот на обвинетиот Зоран Милески - Кичеец во случајот „Рекет“, од Судот рекоа дека до нив не е пристигнато официјално известување.

Претходно и од Обвинителството за гонење на организиран криминал изјавија дека документот од исказот на Камчев не протекол од кај нив и дека доставиле копија од записниците до суд.