Владика Петар: Има расположение во Цариградската Патријаршија да почнат официјални разговори

Владиката Петар

Сѐ уште сме во исчекување да почнат официјалните разговори помеѓу Македонската православна црква и Цариградската патријаршија по прашањето за автокефалноста. Неофицијалните сознанија се дека има расположение од Цариградската Патријаршија нашето прашање да го земе предвид на некоја од своите наредни седници, изјави Владиката Петар, одговарајќи на новинарско прашање какви се моментално релациите со Цариградската Патријаршија.

Митрополитот Петар денеска присуствуваше на промоција на монографија за манастирот „Свети Илија“ во прилепско Мариово.

Досега, вели, нема официјални, но има неофицијални разговори.

„Како понатаму ќе се одвиваат работите по тоа прашање, не можеме ништо да предвидиме, бидејќи тоа ќе зависи од повеќе фактори. Секако дека беше споменато и дека може да стане збор и за политички односи што се однесува до нашата земја и до земјите на Балканот, зашто тоа има помало или поголемо влијание. Очигледно е дека сега сме во едно исчекување да почнат тие официјални разговори помеѓу МПЦ и Цариградската патријаршија“, изјави Владиката Петар.

Запрашан за релацијата на односите со Српската православна црква, Владиката Петар смета дека односите се заладени, но по вина на СПЦ. Со Руската православна црква, пак, вели, односите не се заладени, особено што Руската православна црква неколку пати се залагала да има разговори со СПЦ.