Скопје виа Пјонгјанг

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски изјави дека нема најави од бугарскиот државен врв дека ќе го блокираат доделувањето датум за отпочнување преговори со ЕУ, туку е тоа најава за поставување барања кои би биле врамени како нивни бенчмаркови во понатамошниот тек на преговорите со Унијата.

МАКЕДОНИЈА - Односите помеѓу Црна Гора и Македонија не се прекинати и имаме традиција на одлични односи. Нашите односи се пријателски, имаме меѓусебна поддршка и делиме заеднички цели. Важно е силно да ја поддржиме Северна Македонија, изјави црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ, по средбата со неговиот македонски колега, Стево Пендаровски, во Претседателската вила во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Независниот полициски синдикат организираше мирен протест во Скопје, со блокирање на неколку улици на клучни места во градот, со барање за враќање на достоинството на полицајците, колективни договори и покачување на платите за 25 отсто

БУГАРИЈА - Нашата поддршка на евроинтеграцијата на Северна Македонија никогаш не била безусловна – има еден многу јасен услов, а тоа се добрососедските односи. Не постои начин да се стремите да станете член на ЕУ и да имате нерешени билатерални односи. Тоа не е само бугарски критериум, туку еден од критериумите за членство во ЕУ – пријателски и добрососедски односи, рече шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.

САД - Американскиот државен секретар Мајк Помпео потврди дека присуствувал на разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Украина, Володомир Зеленски, што предизвика бура и доведе до иницијатива за импичмент за Трамп, велејќи дека станува збор за легитимен разговор што се фокусирал на приоритетите на политиката на САД, пренесе Ројтерс.

ТУРЦИЈА - Пријатели, колеги и поддржувачи на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги се собраа да му оддадат почит пред Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде беше ликвидиран новинарот пред точно една година.

СЕВЕРНА КОРЕЈА / САД - Ја повикуваме Северна Кореја да се воздржи од провокации и да се придржува кон своите обврски во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, како и да остане вклучена во преговорите за да се обезбеди мир и стабилност на Корејскиот полуостров и да се спроведе нејзината денуклеаризација, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, откако Северна Кореја лансираше најмалку една ракета од својот источен брег, пренесе новинската агенција Ројтерс.

ГРЦИЈА - Без возови, бродови, без вести и информативни емисии, со затворени банки, и без метро и со скратено работно време на автобусите и тролејбусите во Атина и без јавен превоз во Солун беше Грција на 24-часовниот штрајк против законот за развој што го предлага владата во однос на колективните договори, работничките права и новите регулативи за синдикатите.

ХРВАТСКА - Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ ја официјализира својата кандидатура за втор претседателски мандат. На избори ќе оди со слоганот - Затоа што верувам во Хрватска.