Џонсон: Денеска ќе го кажам предлогот, ако ЕУ не прифати - си заминуваме

Борис Џонсон фотографиран на излегување од Годишната конференција на конзервативците

Британскиот премиер, Борис Џонсон, денеска треба да ја објави конечната понуда за ЕУ за договорот за Брегзит, и, како што изјави, ќе му соопшти на Брисел дека ако Унијата не се согласи, Велика Британија нема веќе да преговара и ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври без договор, пренесе новинската агенција Ројтерс.

Ова Џонсон го соопшти во завршниот говор на годишната конференција на конзервативците и додаде дека понудата за ЕУ е фер и одговорна.

Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека Џонсон „под никакви околности“ нема да бара одложување на Брегзит на претстојниот самит во Брисел на 17 и 18 октомври.

Британскиот весник „Телеграф“ објави дека според новиот план, Северна Ирска ќе остане во посебен однос со ЕУ до 2025 година, по што Белфаст ќе одлучи дали ќе остане во Унијата или ќе се врати на британските правила.