Недавањето датум ќе биде казна за најдобриот пример во регионот, смета Заев

Зоран Заев, Алексис Ципрас и Вес Мичел на Самитот на „Економист“ во Скопје

Ако Европскиот совет не даде датум за почеток на преговори со Северна Македонија, ќе го казни најдобриот пример од државите во регионот, рече премиерот Зоран Заев на дискусијата на Самитот за Западен Балкан на Економист, што се одржува во Скопје. Тој истакна дека земјава веќе 15 години е во чекалницата на ЕУ и оти разбира дека некои членки се против проширувањетона ЕУ, но оти ние не сакаме веднаш членство, туку само да ги отвориме преговорите да добиеме шанса и да го трансформираме нашето општество.

„Нашите соседи кои се веќе во ЕУ, Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, како и Австрија, Унгарија, Италија ја искористија можноста во текот на Генералното собрание на ОН уште еднаш да нагласат дека даваат поддршка за целиот Западен Балкан, особено за Република Северна Македонија, да стане дел од Унијата“, наведе Заев.