Косово забрани влез за српски претставници пред изборите в недела

Министерството за надворешни работи на Косово им забрани влез во земјата на официјални претставници на властите во Србија, со цел да го спречи нивното учество и агитирање во кампањата за изборите што ќе се одржат на 6 октомври.

Шефот на кабинетот на вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај преку својата страница на Фејсбук објави дека властите во Приштина ја донесоа оваа одлука поради притисоците што врз српската заедница во Косово ги врши официјален Белград.

Изборите од 6 октомври се избори на Република Косово и на нејзините граѓани. Официјални лица од Белград не можат и ќе бидат спречени да водат изборна кампања за косовските избори. Нема да се толерираат ниту заканите врз српската заедница во Косово од страна на Белград. Белград ја знае реалноста во Косово и треба да се однесува согласно со таа реалност, да го почитува Уставот и законите на Косово, напиша Зиберај.

Одлуката на косовското МНР уследи по реакциите на неколку партии на косовските Срби, обединети во коалицијата „Слобода“, кои го обвинуваат Белград дека врши притисок, со уцени и закани, врз српското население во северно Косово, во полза на партијата Српска Листа, која има отворена поддршка од властите во Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ.