Мицотакис - Грција ги поддржува земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Климатските промени, бегалскиот проблем, кипарското прашање, односите со Турција, но и европската перспектива на земјите од Западен Балкан беа темите на кои се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Генералното собрание на ОН, jави дописничката на МИА од Атина.

„Во однос на нашите соседи на север, Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите на сите земји од Западен Балкан да се интегрираат во Европската унија, доколку ги исполнуваат нивните меѓународни обврски кон Европската унија и нивните обврски кон соседите. Грција игра клучна улога во економскиот развој на целиот балкански регион, благодарение на трговските можности што ги нудат нејзините пристаништа во Пиреа и Солун, како и нејзината позиција како важен инвеститор во Југоисточна Европа. Ќе продолжиме уште поинтензивно да го правиме тоа во иднина“, рече Мицотакис.