Црна Гора очекува хибридни напади како обидот за пуч во 2016 година

Првиот тим на НАТО за борба против хибридна војна ќе пристигне во Црна Гора до крајот на годинава, изјави црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ.

Црна Гора очекува засилени хибридни активности во пресрет на парламентарните избори во 2020 година и дека првиот воен тим на НАТО за борба против хибридна војна ќе пристигне во Црна Гора до крајот на оваа година, изјави црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ.

Тој ги спореди очекуваните хибридни напади со обидот за пуч во пресрет на изборите во октомври 2016 година, за чија организација во црногорските судови се осудени двајца агенти на руската разузнавачка агенција ГРУ.

„Тогаш покажавме дека сме цврст орев и дека не е така лесно да се порази Црна Гора и нејзините демократски достигнувања. Исто така, Црна Гора е под постојани хибридни активности на различни засегнати страни, што е евидентно на дневна основа во врска со различните владини, а не само владини политики“, рече Бошковиќ

Дека првиот специјализиран тим на НАТО за борба против хибридни напади ќе пристигне во Подгорица објави на крајот на август порталот Политико.еу, потсетувајќи дека лидерите на НАТО се согласиле во јули 2018 година да формираат противхибридни тимови, кои на сојузници на нивно барање ќе им обезбедат помош при подготовките против хибридни активности и реакција на нив.