Адвокатот на Боки 13: Не ни дaдоа да видиме што сведочел Кичеец

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски - Боки 13 денеска четири часа помина во Обвинителството за организиран криминал и корупција каде вршеше увид во доказите против него со кои располага обвинителката Вилма Рускоска.

Неговиот адвокат, Сашо Дуковски, рече дека доказниот материјал не е обемен, ниту по квалитет ниту по квантитет и оти увидот ќе продолжи и следните денови. Тој потврди дека видео и аудио снимките кои ги виде јавноста, се дел од доказниот материјал.

Адвокатот додаде дека не видел искази на политичари, а дека на одбраната не и бил дозволен увид во записникот од сослушувањето на второосомничениот Зоран Милевски Кичеец.

"Не ни беше дозволен увид со образложение дека тоа можеме да го побараме од неговите бранители. Неразбирливо затоа што истрагата е веќе готова. Колку што знам тој се брани со молчење, но ме чуди зошто не можам да го видам тој исказ. Не дека ќе ми помогне или одмогне но не ми е јасно зошто не можам да го видам записникот на соосомничениот", рече Дуковски.

Вчера и третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, исто така побара да направи увид во доказите, па потоа да го искористи правото да даде исказ. Според нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска, Јанева утре ќе има увид во доказите.

Второосомничениот во „Рекет“, Зоран Милевски - Кичеец, ќе биде пуштен во домашен притвор.