Собрание - Милошоски: Чиј е ракописот во писмото на Џафери за анкетна комисија за СЈО?

Пратеникот Милошоски вели дека Иванова го пишувала писмото место Џафери, Иванова вели - Тоа се само алузии.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, го отфрла обвинувањето од пратеникот Антонијо Милошоски дека ракописот во писмото, со кое собранискиот спикер Талат Џафери го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за анкетна комисија за СЈО, не е на Џафери, туку на Иванова.

„Со политички манипулации, несоодветни алузии и без никакви докази, пратеникот Антонио Милошоски на денешната прес-конференција го стави името на Иванова во политички контекст кој не е и не може да се доведе во никаква корелација согласно позицијата што ја врши во Собранието на Република Северна Македонија. Од тие причини, Иванова ги осудува сите обиди за какви било политички игри кои ја вклучуваат неа и собраниските служби“, стои во рекацијата од Собранието.

Пратеникот Милошоски, претходно, изјави дека „од собраниските служби имаат информација дека самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање на анкетна комисија не е на Талат Џафери“.

„Ова е ракописот на Цветанка Иванова, Генерален секретар на Собранието или на некој близок советник на СДСМ кој што Џафери морал да го послуша и да го потпише, затоа што очигледно и Џафери е седнат во скутот на владејачката партија“, обвини Милошоски.

Претседателот на Собранието го врати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на доработка, со рок од 15 дена за „исправање на недоследностите во барањето“.