Болтон со остри критики за Трамп

Трамп и неговиот поранешен советник за безбедност, Болтон

Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, остро го критикувал Трамп поради неговата надворешна политика кон Иран, Северна Кореја и кон Авганистан, објави „Политико“, пренесоа агенциите.

Тој, според изворот на „Политико“, на затворената вечера во институтот „Гејтстон“ оценил дека е ужасно лош сигнал тоа што Трамп ги повикал лидерите на талибанците на преговори во резиденцијата во Кемп Дејвид имајќи предвид дека тоа е показател за крајно непочитување кон жртвите на терористичкиот напад од 11 септември.

Зборувајќи за преговорите со Северна Кореја и Иран, Болтон рекол дека смета оти какви било обиди од тој тип се осудени на пропаст зашто лидерите на тие земји се заинтересирани само за укинување на снкциите против нив и за јакнење на нивната економија.

Изворот на „Политико“, кој бил на затворената вечера и кој сакал да остане анонимен, на новинарите од „Политико“ им изјавил дека Болтон и во други пригоди остро го критикувал Трамп, иако при тоа не го користел експлицитно неговото име.