Владата вели дека извозот расте, Јанушев дека Заев бега од избори

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, го обвини премиерот Зоран Заев за „лаги“ и дека бега од избори, откако претседателот на Владата на Фејсбук се пофали со раст на извозот од 16,5 проценти.

„Заев бега од соочување со граѓаните, затоа што е свесен дека власта е заглавена во криминал, корупција и мега скандалот Рекет. Политиките во здравството, образованието, културата доживуваат крах, а економијата е во агонија и каскаме дури и во споредба со земјите од регионот. Ветувањата за кои се пењавеше во кампањите останаа обични лаги“, изјави Јанушев.

Претходно премиерот Заев, на Фејсбук објави дека извозот на стоки и услуги се зголемил за 15,6 проценти и дека „тоа значи оти бизнисите произведуваат повеќе и ги пласираат нашите домашни македонски производи на странските пазари“.

Заев додаде дека „Владата го поддржува стопанството и економскиот раст, бидејќи тоа ќе значи повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните“.