Јункер: Расте бројот на заразени поради глупавата недоверба во вакцините

Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, вели дека напорите за ширење сомнежи преку интернет за неопходноста од вакцини се вклопуваат во целокупното дејствување на ЕК за спротивставување на дезинформациите.

Европската комисија се бори со дезинформациите против вакцините, за што има помош и од онлајн платформите, изјави денеска претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, на Светскиот самит посветен на придобивките од вакцинацијата, објавија светските новински агенции.

Според Јункер, напорите за ширење сомнежи преку интернет за неопходноста од вакцини се вклопуваат во целокупното дејствување на Комисијата за спротивставување на дезинформациите. Тој додаде дека последните неколку години е зголемен бројот на заболени од заразни болести и смета дека тоа се должи на „глупавата недоверба“, но и на зголемувањето на цените на вакцините.

„Неприфатливо е секоја година да умираат деца ширум светот поради недостиг на пристап до здравствена заштита, да страдаат од болести што долго време се искоренети. Сè уште не успеавме да спречиме ширење на заразни болести”, вели Јункер.