ВМРО-ДПМНЕ побара денес да биде разрешена Јанева, предлогот одбиен

ВМРО-ДПМНЕ побара разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска на пленарна седница во Собранието, но мнозинството пратеници го одби предлогот.

Образложението за предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, беше дека предлог одлуката е едногласно изгласана од сите пратеници и од сите пратенички групи на Комисијата за прашања на изборите и имнувањата што се одржа на 5 септември и поради фактот дека оваа седница е последна во законскиот рок за истекување на мандатот на обвинителката.

„Предлогот за денешното разрешување на Јанева е за да се остави простор до 15 септември да се избере нов специјален обвинител“, истакна Мицевски и побара пауза.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека е точно оти Комисијата расправала по извештајот на Советот на ЈО и дека Собранието добило предлог за разрешување на специјалната јавна обвинителка.

„Во сите досегашни координации и усогласувања на политичките партии, посебно четирите поголеми политички партии, се усогласивме дека за ова прашање треба да има посебна седница и во тој контекст и од таа причина не е ставена како точка на дневен ред“, рече Џафери.