Во ЈО велат дека е можно денеска да пристигне оставката на Јанева

Специјалната обвинителка Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во затворот „Скопје“ за предметот „Рекет“, како што јавуваат дел од медиумите, вчера доставила писмо до Советот на јавни обвинители со кое ја активира оставката што ја поднесе на 15 јули. Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски за МИА изјави дека оставката е можно да пристигне во текот на денешниот ден. „Ние во Советот, доколку стигне, ќе ја разгледаме веднаш и ќе одлучиме како би постапиле“, истакнува Колевски. Јанева поднесе условна оставка на 15 јули, на денот кога беше уапсен Борјан Јовановски за случајот „Рекет“, а која требаше да биде активирана кога ќе се избере нов специјален обвинител. Праќањето на писмото е откако вчера собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата едногласно донесе одлука на Собранието да му препорача разрешување на Јанева поради несовесно, нестручно и незаконито раководење со институцијата.