Ердоган: Тие имаат нуклеарно оружје, а нам ни го забрануваат

Неприфатливо е државите кои имаат нуклеарно оружје да ѝ забранат на Турција да се снабди со такво вооружување, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, без да открие дали Турција планира да набави нуклеарно оружје.

„Некои земји имаат ракети со нуклеарни боеви глави, не една или две. Но ни велат дека не можеме да ги имаме. Тоа не можам да го прифатам“, рече Ердоган обраќајќи се пред членовите на неговата Партија за правда и развој во турскиот град Сивас.

Турскиот претседател нагласи дека не постои развиена земја на светот која нема нуклеарно оружје. Турција во 1980 година го потпиша Договорот за неширење нуклеарно оружје, а во 1996 година Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни проби.