Џонсон ги суспендирал сопартијците кои се против Брегзит без договор

Борис Џонсон

Британскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Борис Џонсон, од партиските тела суспендираше 21 пратеник кои синоќа го поддржаа започнувањето на процедурата за спречување на Брегзит без договор, пренесоа светските новински агенции.

Претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Берков, одобри итна расправа за блокада на Брегзит без договор која се одржа доцна синоќа. Со тоа опозицијата во земјата направи важен чекор да се спречи реализирање на Брегзит без договор на 31 октомври. За започнување на процедурите за спречување на Брегзит без договор гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против. Синоќешното гласање даде можност опозицијата денеска во Парламентот да предложи нацрт-закон со кој би се забранил Брегзит без договор.

Резултатот од синоќешното гласање е првиот поголем пораз за актуелниот премиер Борис Џонсон во Парламентот, а тој поради тоа од клубот на пратеници на Конзервативната партија исклучи 21 пратеник кои го поддржаа предлогот на опозицијата.