Препукувања на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за економијата

Партиско лого на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешна прес-конференција ги критикуваше состојбите во економијата во земјата, потенцирајќи дека не се оствариле најавите на власта за економска офанзива и за економска година.

Тој одделно ги презентираше економските параметри и наведе дека од почетокот на годината заклучно со вториот квартал странските инвестииции изнесуават 48,7 милиони евра, а во мај и јуни, како што нагласи, има дури и одлив, односно негативно салдо на директинете странските инвестиции.

„На пример за истиот тој период нашиот северен сосед Србија има 1,7 милијарди евра Словенија земја која што отприлика има ист број на жители како и Република Македонија има 561 милион, соседна Бугарија 286 милиони евра, додека пак Хрватска само во првиот квартал од 2019 година има 273 милиони евра директни странски инвестиции“, вели Мицкоски.

Кај капиталните инвестиции, тој дополни дека од предвидените 420 милиони евра за оваа година во првите седум месеци заклучно со 31 јули, инвестирани се нецели 105 милиони евра или некаде околу четири пати помалку од тоа што беше предвидено на почетокот на годината.

Од СДСМ реагираат дека за само една година, странските директни инвестиции пораснале за 260 отсто, односно од 205 милиони во 2017 година на 737 милиони долари во 2018 година.

„Тоа е јасно наведено во Извештајот за инвестициите во светот 2019 на Конференцијата на ОН“, велат од СДСМ.

Оттаму велат дека „без скапи кампањи, без рекламни роуд шоуа на што ВМРО-ДПМНЕ трошеше милиони евра“, денес биле реализирани и во фаза на реализација се 20 странски инвестиции во Индустриските зони и надвор од нив со проектирани над 4.800 вработувања.

„Во 2018 година рекорден број на компании, над 250, домашни и странски, добија финансиска поддршка, а Владата по неколку основи кон стопанството уплати 40,7 милиони евра“, велат од СДСМ.